ЛУЃЕ-СЕНКИ
По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од музејот на пари во Народната банка на Македонија и со мистериозното убиство во локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов-Џовани е исправен пред најсложениот случај во својата кариера – неразрешениот атентат врз претседателот на државата што се случил пред 13 години.
„Луѓе-сенки“ е романот со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани, ревносен и правдољубив полицаец, кој бескомпромисно им пристапува на службените задачи, дури и на оние најзаплетканите и најтешките. Во најновиот случај, Џовани не е свесен дека духовите од минатото се враќаат да го наплатат долгот. Тринаесет години по обидот за убиство на претседателот и по низата мистериозни смртни случаи кај неслучајни луѓе, се случуваат чудни работи во високите ешалони на Министерството за внатрешни работи. Клопчето почнува да се одмотува бавно, до следниот голем јазол…
Романот е историска фикција, заснована на вистински настани од нашето колективно минато, околу која авторот Сашо Кузмановски ја гради сопствената приказна, постапка што е препознатлива за неговата творечка поетика.