На 9 февруари 2024 година, во Café Literatura во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“, се одржа промоција на романот „Бахус“ од авторот Сашо Кузмановски, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот го промовира уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, низ разговор со авторот.
„Бахус“ е втор, независен дел од предвидената трилогија на Сашо Кузмановски, во која главен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов-Џовани. Како и во дебитантскиот роман „Афера во музејот на пари“ („Арс Либрис“, 2021), и во „Бахус“ авторот се претставува со своето раскошно познавање од историјата на Македонија, овој пат надградено со исцрпно истражување на обредите и култовите во античкиот град Стоби, поврзани со познатите церемонии „баханалии“ во чест на римскиот бог на виното.
„Бахус“ е исклучително интелигентен, аналитичен и реалистичен трилер, поткован со знаења за антиката и за ритуалите што се практикувале, за окултизмот и псевдонауката, кои вкомпонирани во нашиот контекст, прават еден мајсторски и претставителен криминалистички роман, податлив и за екранизација.














