Третиот трилер на авторот и новинар Сашо Кузмановски, „Луѓе-сенки“ беше промовиран на 6 април од 19 часот во „Литература.мк“, во рамките на третото издание на фестивалот Видик.
Промоторка на романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше уредничката Бисера Бендевска.
„Луѓе-сенки“ е завршниот дел од трилогијата на Кузмановски, по трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од музејот на пари при Народната банка на Македонија и мистериозното убиство на локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов – Џовани се соочува со најсложениот предизвик во својата кариера – неразрешениот атентат врз претседателот на државата, што се случил пред 13 години.
Во овој роман, Џовани – ревносен и правдољубив полицаец, кој бескомпромисно им пристапува на задачите – се вплеткува во случај во кој минатото не е завршена приказна. Додека се нижат мистериозни смртни случаи и се отвораат сомнителни процеси во високите ешалони на Министерството за внатрешни работи, клопчето почнува бавно да се одмотува, откривајќи нови јазли и опасни вистини.
Романот претставува историска фикција, инспирирана од реални настани од нашето колективно минато, врз кои авторот ја гради својата препознатлива наративна структура.













