„Афера во музејот на пари“ е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски, кое во стилот на најдобрите крими-трилери ни носи возбудлива приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Напредното познавање од областа на нумизматиката и вештиот раскажувачки стил на Кузмановски го прават овој роман убедлив и конкурентен на светските бестселери од овој жанр. На промоцијата тој истакна дека книгите, особено трилерите, му се пасија долго време.
– Љубител сум на трилери, крими-романи, ме фасцинираат добри заплети, умствени игри, добро изработени, а уште повеќе добро раскажани приказни. Имам неколку автори на кои имам посебна слабост, а во последно време откривам и некои нови кои знаат да ме освојат. Се надевам дека и на домашната сцена во скоро време ќе има подобра и поголема понуда… Една од причините за создавањето на приказната во романот беше веројатно и желбата малку повеќе да се заинтересираме за она што го имаме како културно богатство, а кое со години се раскрчмува по знајни и незнајни патишта. Она што го имаме документирано и зачувано би било добро да го видат колку што е можно повеќе луѓе, да бидат свесни за историјата по којашто чекорат и да научат малку повеќе да го ценат она што некој пред нас, веројатно и несвесно, ни го оставил во наследство – рече Кузмановски.
Приказната на „Афера во музејот на пари“ е сместена во Скопје. Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата. Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Потрагата по оригиналот почнува…











